Само минатата 2018 година, биле регистрирани околу 1.8 милиони нови случаи на заболени од карцином на дебелото црево и ректумот во светот. Популација со највисок ризик за развој на оваа болест се луѓето до 40 години, со семејна анамнеза за полипи или карцином на дебелото црево појавен пред 40-тата година од животот. Подигнувањето на општествената свест кај граѓаните е многу важно и за таа цел во Скопје се одржува меѓународна конференција насловена Early Occurrence of Colorectal Carcinoma. Where we are. Where are we going?, што ја организира Клиничката болница „Аџибадем Систина” и MTCC (Mediterranean Task Force for Cancer Control).

„Клиничката болница ’Аџибадем Систина’ отсекогаш била посветена да создаде систем, да постави арсенал од најдобрите технологии за откривање и третман, да донесеме методи и знаења за да им помогнеме на сите коишто ја водат, но и да ја добијат битката со карциномот. Од оваа наша мисија произлезе и отворањето на првиот приватен комплетен Центар за онкологија и редиотерапија”, изјави д-р Јана Марин, директорка на „Аџибадем Систина“.

На конференцијата присуствуваат четириесетина еминенти доктори предавачи од повеќе земји од Европа и од Азија.

„Денес колоректалниот карцином веќе не е болест на постарата популација, туку спротивно, почесто од кога и да е кога ја гледаме оваа болест кај млади пациенти. Целта на оваа конференција е да се расветлат сите аспекти за можните фактори за влошување на оваа ситуација како што се: диететски причини, специфики на различни региони во светот, патолошки и генетски фактори, рано појавување на симптоми, дијагноза, третман и скрининг”, изјави проф. д-р Владо Димов.

Министерот за здравство, Венко Филипе, кој присуствуваше на отворањето на конференцијата и истакна дека особено е важно да им се овозможи на граѓаните да имаат можност да се лекуваат во најдобрите болници, вели дека државата размислува да продолжи со концептот на јавно приватно парнерство.

Колоректалниот карцином е третиот најчест облик на рак кај мажите и вториот најчестиот облик на рак кај жените во светот. Се смета дека колоректалниот карцином е четврта водечка причина за смрт во светот. Во Македонија тоа е шестата причина за предвремена смрт, а во последната деценија бројката на смртност од колеректален карцином се зголеми за повеќе од 16 насто. Затоа, велат во Клиничката болница, на оваа конференција „Аџибадем Систина“ гледа како на почетна точка, своевидна платформа за споделување на најдобрите практики за тоа како да се обезбедат превентивни и куративни здравствени услуги на напредно ниво, во интегрирано опкружување.

На оваа конференција се промовираше печатен едукативен материјал кој досега е преведен во повеќе од 20 земји во светот. Брошурите со корисни информации за превенција, рана дијагностика и современ третман на карциномот на дебело црево и ќе бидат дистрибуирани по сите амбуланти низ земјава со цел информирање на популацијата и подигнување на свеста кај населението.

OhridNews