НБА сагата која траеше цело лето околу трејдот на Кармело Ентони заврши. Крилниот играч го напушти Њујорк Никс и кариерата ќе ја продолжи во екипата на Оклахома Сити Тандер.

Кармело Ентони оди во Оклахома, а во Њујорк ќе се преселат Енес Кантер и Даг Мекдермот, а исто така Никси го добија и пикот на Оклахома во втората рунда на наредниот драфт. 

Трејдот на Ентони во Окахома дополнително ја засили конкуренцијата во Западната конференција, каде во новата сезона конкуренти на шампионите од Голден Стејт (Кари, Дурент, Томпсон) ќе им бидат токму Оклахома со Ентони, Расел Вестбрук и Крис Пол, Хјустон со Џејмс Харден и Крис Пол, односно Сан Антонио со Каваи Ленард, Тони Паркер, Ламаркус Олдриџ и Пау Гасол.

Кармело Ентони беше трет пик на еден од најсилните драфтови во историјата, во 2003 година. НБА кариерата ја започна во Денвер Нагетс, а по осум години се пресели во Њујорк Никс.

Во „големото јаболко“ беше донесен како големо засилување, како човек кој треба да го врати Њујорк на победничките патеки, но за шест години, сем индивидуалната статистика, не успеа со Никси да оствари позначаен резултат.

Популарниот Мело има 33 години, десет пати играл на Ол-стар натпреварот, во 2013 година беше прв стрелец во лигата, а во кариерата има просек од 24,8 поени по натпревар.

Мело има НЦАА титула со Сиракјуз, а со репрезентацијата на САД има златни медали од Олимпијадите во Пекинг, Лондон и Рио де Жанеиро.

OhridNews