Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, денес во Агенцијата за катастар на недвижности оствари работна средба со директорот Славчо Трпевски на која беа разгледани и анализирани резултатите од истражувањето за задоволството на граѓаните од работата на институциите на системот, врз основа на методологијата „Барометар на квалитет на институции“.
При тоа беше истакнато дека одделенијата во Охрид и Кавадарци покажале најдобри резултати во работењето, додека пак најслаби подрачните единици на Агенцијата за катастар на недвижности во Тетово, Гостивар и Крива Паланка. Главните недостатоци кои се лоцирани во Тетово, Гостивар и Крива Паланка се бавноста на изработување на предметите и нељубезноста на шалтерските работници во односот кон граѓаните.
– Агенцијата за катастар на недвижности во изминатите години направи многу реформи, но очигледно дека не се доволни, што значи дека ќе преземеме дополнителни реформи, со цел нашата работа значително да ја подобриме, рече Трпевски.
Министерот Ивановски најави дека во наредните денови ќе посети и други институции, кои беа опфатени со истражувањето Таен клиент и Анкетата за задоволство на граѓаните.
OhridNews