Во Агенцијата за катастар на недвижности се реализира TAIEX-експертска мисија за воспоставување и одржување тридимензионален катастар во Република Македонија.
Воведувањето трета димензија во приказот на недвижностите ќе овозможи поедноставно разбирање на границите на правата врз самите недвижности  што ќе создаде една поедноставна слика на тоа – кој и што има, на кој начин го употребува и до каде се простираат неговите права врз соодветната недвижност, како во длабочина на земјата така и во висина.

Дополнително, постоењето 3Д-геопросторни податоци како дел од 3Д-катастарот претставува основа за извршување на најразлични 3Д-анализи со кои се овозможува ефикасно моделирање на зградите, теренот и површината, како и визуализација со која ќе се постигне подобро разбирање и планирање на вистинскиот свет. Овие податоци, секако, покрај примената во катастарот ќе најдат примена и за останати потреби надвор од доменот на катастарот.

Агенцијата за катастар на недвижности за инфраструктурните објекти кои се запишани во катастарот на инфраструктурни објекти, веќе поседува 3Д-податоци, односно покрај ширината и должината, има податок и за длабочината доколку се работи за подземни инфраструктури и висина доколку се работи за надземни инфраструктури.
Главен предизвик за Агенцијата за катастар на недвижности е создавање предуслови за воспоставување 3Д-катастар за згради и воведување 3Д-парцели.
 
Воведувањето на 3Д-катастарот ќе овозможи:Прибирање 3Д-просторни и описни податоци за зградите, односно воведување висини и геолокација на посебните делови од зградите; Воведување нови просторно дефинирани единици како 3Д-парцела, тлорис, волумен на кат, стан, како и нови атрибутни податоци за истите; Олеснување на процесот за идентификација на дел од зграда; Подобра визуализација на регистрираните недвижности; Ќе биде неопходна промена на законската рамка (воведување 3Д-парцела, волумен наместо м2 на стан итн.); Подобрен квалитет на графичките и атрибутните податоци за зградите, посебните и заедничките делови на згради; Поедноставен пристап за одржување, одржување, контрола и издавање податоци (ДБ, е-кат, МакЕдит, е-сервиси).

Согласно со Годишниот план за работа на Катастарот, воведувањето на висината при премерот на објектите, геореференцирањето на етажните скици, како и електронското издавање на податоците, како прв чекор кон 3Д-катастарот, се планира да бидат имплементирани оваа година.