Сениорската фудбалска репрезентација на Македонија доживеа висок пораз на гостувањето кај Велс. Домаќинот во Кардиф славеше со 7:1, со што Велс ја обезбеди втората позиција во групата зад Белгија и во плеј-офот за пласман на СП 2026 година ќе имаат полесен противник во ждребот.

Велшаните сосема заслужено стигнаа до победата. Играа мотивирано од првата до последната минута, брзо, фокусирано и пред се максимално борбено. Македонија од друга страна изгледаше немоќно. Освен на моменти во првото полувреме кога го постигнавме и единствениот гол за 2:1, нашите репрезентативци одиграа далеку под очекувањата и своите можности и доживеаја вистинска катастрофа.

За Македонија ова беше прв пораз по 14 натпревари, од кој мора да се извлечат поуки, дотолку повеќе што шансите за пласман на Мундијалот не се изгубени. Македонија како победник во Ц лигата на нации обезбеди пласман во плеј-офот за пласман на СП.

Ждребот за плеј-офот за пласман на СП 2026 ќе се одржи во четврток.

Г.М.