Христовото раѓање претставува еден од најголемите празници во христијанската религија. Православните христијани раѓањето на Божјиот син го чествуваат на 6-ти јануари, додека голем дел од верниците од католичка вероисповед вчера го прославуваа Божиќ.

Отец Оливер Тантушев од Католичката црква „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, вели дека Божиќ претставува еден од најрадосните празници во текот на целата календарска година.

Најрадосен затоа што навистина ни се роди спасителот кој што долго го очекувавме и ни донесе радост, среќа и мир што е најважно. Овој празник е врв на целата божја објава кон нас, затао што Бог вети дека ќе се роди како човек за да го спаси целото човештво. Затоа во таа смисла, Божиќ е голем празник кој носи спасение.“ – вели отец Тантушев.

Тој им го честита празникот на сите верници, кои Христовото раѓање го чествуваат според Грегоријанскиот календар.

Сите сме повикани да го прославиме овој голем празник и да се радуваме на Божјото раѓање. Сите луѓе кои овој празник го слават по Грегоријанскиот календар, нека им биде честит и благословен. Со овој празник, Бог сака да донесе повеќе мир меѓу луѓето, односно тие да бидат почовечни.“ – истакнува отец Тантушев.

Карактеристично за овој ден е богатата трпеза со традицонални јадења, варено вино и колачиња, кои се неизоставен декор од празничната атмосфера.

Божјото раѓање претставува најголем празник за сите христијани во светот. На 24-ти спрема 25-ти декември, односно на Бадник, се посетуваат верските храмови каде се служи полноќната миса. По нејзиното завршување, членовите на семејството и нивните најблиски заедно вечераат во своите домови. Интересно е тоа што  обичаите кои католиците ги практикуваат за овој голем празник се доста различни од православните.“ – велат верниците.

Нашинците низ европските земји, велат дека католиците го чествуваат овој празник со традиционални јадења кои потекнуваат од нивното поднебје. Така, во Англија неизоставен дел од трпезата е мисирката, во Далмација се приготвува јагнешко, додека во некои земји се практикува пилешко месо, свински ролати и специфична морска храна.

Карактеристично за сите овие верници е тоа што празникот се чествува исклучиво во семејна атмосфера. Храната е разновидна во различни делови од светот, но она што сите не сплотува е Христовото раѓање.“ – велат нашинци кои веќе долги години се иселени во европските земји.

По повод Божиќ, честитка до граѓаните на Охрид кои го слават раѓањето Христово според Грегоријанскиот календар упати и градоначалникот Никола Бакрачески.

Традиционална миса по повод овој празник, вчера се оддржа и во Католичката црква „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид.

О.Т.