Католичките верници денеска го одбележуваат Раѓањето Христово-Божиќ. Традиционално во Македонија, централната прослава по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше свечена литургија.

– Драги браќа и сестри и овој Божиќ не собра во заедништво, и семејно и општествено, за поубаво и содржајно да ја прославиме радоста на оној настан кој се случи во Витлеем и ја раздели нашата историја на стара и нова ера. Навистина, со раѓањето на Исус Христос започна нова ера на човештвото во која Бог стана човек за човекот да биде повикан на достоинство, синови и ќерки Божји. Ова време на релативизам кога се чини дека сите вредности се наоѓаат во некаква магла, па дури и самиот наш живот е завиткан во магла, понекогаш и темнина, јасно се слуша молбата на нашите современици, молбата за спасение, наведе бискупот Стојанов.

Премиерот Никола Груевски вчера упати честитка до верниците од католичка вероисповед во Република Македонија по повод празникот Рожденство Христово – Божиќ.

-Во моменти кога во кругот на семејството ги празнувате Божјата љубов и благост, мирот и радоста, искрено ви посакувам многу здравје и среќа, неизмерна љубов, бериќет и духовен мир во вашите семејства, стои во честитката.

Божиќ, како што е наведено, е празник на љубовта и радоста, празник на правдата, слободата и вистината. Празнување на толеранцијата, трпението и потребата еден со друг да се почитуваме и разбираме. Светата божиќна ноќ и божиќниот ден нека бидат мигови на молитва за своите ближни, за духовен мир и духовна сила. Молитва за мир и благосостојба, за развој и напредок, за нашите и идните генерации на Република Македонија.

– Со божја помош и силна верба, со заедништво, слога и почитување, искрено се надевам дека како и досега така и во иднина, ќе продолжиме да работиме на исполнување на нашите заеднички цели за подобра иднина на сите граѓани на Република Македонија, се вели во честитката на премиерот Груевски.

OhridNews