Христијанските верници од католичка вероисповед утре го празнуваат големиот празник Воскресение Христово – Велигден, денот кога Исус Христос, според верувањата воскреснал од гробницата каде бил погребан.
По повод празникот, бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов упати велигденска честитка.
–Драги браќа и сестри, Велигден е врв над сите празници, но сепак ќе споменам дека тоа не е сеќавање, тоа не е споменување на нешто што поминало, туку тоа е настан кој и денес овде ни се покажува, а тоа е дека Воскреснатиот Исус сака средба со секој од нас. За таа средба од негова страна е покажаната силна љубов кон секој човек, а од наша страна вера и доверба дека сме способни да веруваме во тој нов свет кој Тој го оствари во себе. Христовото воскресение е темел на секоја човечка надеж и смисла на нашето постоење, бидејќи јасно ни говори дека овде на земјата, во оваа ограничено изнемоштено тело не сме сосема дома. Не очекува преобразба на телото и влез во царството на бесмртноста за кое Тој со своето Воскресение ни ја отвори вратата. Ме радува фактот што во источната традиција нашите браќа во воскресно време се поздравуваат со зборовите на верата: Христос воскресе! Одговорот е вернички: Навистина воскресе! Така празнувајќи Велигден не го празнуваме на второто ниво, туку на првото а тоа е светот на верата. Затоа тој кој не е верник, всушност, не може да слави Воскресение, се вели во велигденската честитка на бискупот.
Согласно со Законот за празниците на Република Македонија и согласно Програмата за празници на Министерството за труд и социјална политика, 28-ми март 2016 година (понеделник), вториот ден на Велигден е неработен ден за граѓаните од католичка вероисповед во Република Македонија.
Православните верници Велигден ќе го одбележат околу еден месец подоцна односно на 1-ви мај 2016 година.
OhridNews