Видео-записот „Кажи не на насилството“ кој изминатата недела предизивика лавина реакции по социјалните мрежи се уште не е отстранет од youtube. Иако ОБСЕ, општината и Министерството за внатрешни работи официјално се оградија од содржината во спотот, потенцирајќи дека поддршката на целата кампања е сузбивање на насилството во училиштата, сепак коментарите во јавноста се сосема други.
Стручните лица коментираат дека во спотот се стигматизира рок, панк и хеви метал музиката, односно лицата кои што припаѓаат на одредени супкултурни движења се претставени како насилници.
„Насилството потекнува од најдлабоките структури на личноста, а во неговата суштина е чувството на немоќ и отсуството на емпатичност. Имиџот и стилот на облекување на „металците“ е само последица на потребите за припадност во некоја група и идентификација со истата. Всушност, испитувањата покажуваат дека турбо фолкот е тој правец кој ги буди најпримитивните нагони кај личноста и поттикнува на секс, алкохол, дрога и насилство. И што е најрелевантно за конкретната кампања, спотот нема апсолутно никаква ефективност затоа што тоа не се решава преку површни кампањи кои навредуваат некого, туку преку учење на вештини на емпатичност.“ – вели долгогодишен охридски психолог, кој инсистираше на анонимност.
Спотот наметнува поделба според имиџот
Поголемиот дел од коментарите по социјалните мрежи се насочени кон предрасудите во видео-записот „Кажи не на насилството“. Голем дел од младите, меѓу кои и членови на различни рок состави, реагираат дека во спотот се наметнува поделба на децата според изгледот и музиката, односно според припадноста на определена супкултура.
„Младината во Охрид има други „улични херои“ и тие не се панкери и металци.“ „Децата треба да се учат да не судат според изглед, што вие напротив, во рекламчево сакате да го потенцирате. Најбитно е пред се домашното воспитување, педагошки пристап, околината која не опкружува, медиумите преку своите содржини.“ „До кога за насилството ќе ви бидат криви металци, панкери, скинери, рапери и други улични субкултури? Во која година живеете? Кој ви е идеолошки лидер и дали ја знае целата азбука?” „Рекламава е толку лоша што посакав на момент да станам бараба, Monty Python уште колку имат за учење од нас.“ – се дел од реакциите по социјалните мрежи.
дел од реакциите на социјалните мрежи
ОБСЕ во одбрана на видеото
Амбасадорот Ралф Брет, Шеф на Мисијата во Скопје изјави дека целта на видеото е да испрати силна порака, без намера да се промовира каква било дискриминација или стереотипи.
„Ја разбираме загриженоста којашто беше искажана неодамна, а во исто време веруваме дека најважен аспект во видеото е пораката, чија цел е да ги одврати младите од насилство. Поради тоа би сакале гледачите повеќе да се осврнат на проблемот, отколку на ликовите во видеото. Исто така ги покануваме сите кои го делат мислењето дека ова е благородна цел за иднината на земјата, да соработуваат со нас и заедно да ја споделиме пораката „Да не дозволиме да победи насилството.“ – изјави Брет.
МВР: Не пропагираме никакви стереотипи
Спотовите не се финансирани и изработени од Министерството за внатрешни работи, соопштија од Министерството по серијата реакции на јавноста дека МВР изработувала видео-записи во кои лицата кои слушале рок, хеви метал и панк се поттикнувачи на насилството.
„МВР ниту објавило тендер, ниту пак ја спроведувало јавната набавка. Немаме информација дали конкурирале и други продукции, какви биле нивните предлози и зошто бил избран токму посочениот, како што немаме информација ниту која е продуцентската куќа или колку чинела нивната понуда. Сакаме да посочиме дека МВР не учествуваше ниту во идејното осмислување, ниту во реализацијата на видео спотовите. Министерството беше единствено партнер при реализирање на проектот “Безбедни училишта”. Овие спотови МВР не ги емитувало, ниту пак во иднина ќе ги емитува. Во моментов Министерството воопшто не реализира медиумска кампања со таква содржина. МВР не поддржува, ниту пропагира никакви стереотипи.“ – велат од МВР.
Општина се оградува од спотот
Од општина Охрид велат дека не учествувале во изработката, осмислувањето и финансирање на спотот, по критиките на социјалните мрежи упатени кон општината, од чиј „youtube“ профил е „аплодиран“ видео-записот.
„Единствената поврзаност на општината со споменатиот спот се состои во тоа што истиот е објавен на официјалниот Јутуб канал на Општина Охрид, единствено на овој начин општината се вклучи во поддршката на целата кампања и идејата да се сузбие насилството во училиштата. Од тука цениме дека не сме повикани да коментираме околу осмислувањето и содржината на спотот, која за некои граѓани можеби е дискутабилна, а за некои не е дискутабилна.“ – велат од општината.Пародија на видеото
Пародија на видеото
Неодамна на youtube се појави аматерски видео-запис под наслов „Кажи НЕ на предрасудите“, контра спотот за борба против насилството.
„Ние продолживме со активности во рамки на проектот „Стоп за предрасудите“. Проектот во изминатиот период се реализираше со поддршка на моите пријатели. Во проектот беа вклучени луѓе со проблеми. Во правец на понатамошна одржливост на проектот за „Стоп за предрасудите“, ние продолжуваме да ги поддржуваме активностите за намалување на предрасудите помеѓу младите.“ – стои во описот на видео – материјалот.
O.T.