Со цел да се ограничи можноста за злоупотреба на боледувањата ќе бидат преземени мерки кои ќе вклучуваат и казна затвор за матичните лекари кои спротивно на медицинската пракса и правните прописи ќе пропишат боледувања.
Од министерството за здравство најавуваат дека ќе се формира Ревизиона комисија која ќе врши контрола на спроведените постапки за доделување на боледувањата од комисиите утврдени во Фондот. Ќе се фомираат, ад хок комисии кои ќе прават ревизија не само на комисиите на Фондот, туку и на работењето на Ревизионата комисија.
Директорите, односно работодавачите ќе бидат задолжени во случај кога некој од вработените користи боледување подолго од 21 ден за тоа да го известат Министерството за здравство за да се изврши контрола на процедурата која е преземена. Оние кои шест месеци ќе бидат на боледување, ќе се испраќаат пред Инвалидската комисија за да се утврди дали има основ за нивно одење во инвалидска пензија.
Кривичниот законик, предвидува за симулирање на боледување да се казни парично или со казна затвор до една година оној кој симулира. Се предвидуваат и казни за матичните лекари кои спротивно на медицинската пракса и правните прописи ќе пропишат боледувања на лице на кое тоа не му следува. Казната затвор е од шест месеци до три години.