Вкупно 18 мандатни казни во вкупен износ од 6.600 евра  и 17 платни налози во вкупен износ од 12.400 евра изрекла Пазарната инспекција при контролите на охридските трговски субјекти во текот на месеците јуни и јули 2014 година.

При контролите во истиот период биле одземени и производи во износ од 52.200 денари и биле затворени 10 трговски објекти.

Од Пазарниот инспекторат велат дека овие казни биле изречени во рамки на контролите во согласност со Закон за трговија.

-Инспекторите спровеле 121 надзор на трговски објекти од кои 82 редовни и 39 контролни надзори, при што освен казните и платните налози издадени се и 11 решенија, 7 барање за поведување на прекршочна постапка до Основен суд и 3 барања до Прекршочната Комисија, информираат од Државниот пазарен инспекторат.

Освен во трговските, охридските пазарни инспектори во текот на претходните два месеца, извршиле контроли и во угостителските објекти.

-По Законот за угостителска дејност во месеците јуни и јули извршени се вкупно 134 надзори од кои 98 редовни и 36 контролни, при што се издадени 2 платни налози во вкупен износ од 2500 евра во денарска противвредност и 2 објекти се затворени. Исто така изречени се и 16 постапки за едукации, 1 решение и 1 барање за поведување на прекрошна постапка  до Основен суд, информираат надлежните во пазарниот инспекторат.

Оттаму додаваат дека по Законот за туристичка дејност во истиот временски период биле извршени вкупно 10 надзори од кои 9 редовни и 1 контролен надзор при што била спроведена една постапка за едукација.

Е.М