Преминување на црвено и на необележани пешачки премин се најчестите прекршоци кои ги прават охридските пешаци. Според евиденцијата на сообраќајната полиција во текот на првите десет месеци од оваа година, на подрачјето на Охрид биле регистрирани вкупно 137 прекршоци кои ги направиле пешаците.
Во согласност со законската регулатива, покани за наплата на казнена глоба им биле изречени на 68 пешаци, а 66 добиле покани за сообраќајна поука. Исто така сообраќајците изрекле и 23 писмени и 56 усмени предупредувања за оние пешаци кои направиле помали прекршоци на сообраќајните правила.
Охриѓани раскажуваат дека во последниот период забележале поголемо присуство на сообраќајната полиција на повеќе крстосници и премини во градот, особено во периодите од денот кога има поголема фреквенција на возила и пешаци. Дел од оние кои веќе заработиле казна или поука велат дека сега многу повеќе внимаваат кога преминуваат улица.
-За преминување на црвено бев предупредена од сообраќаец на крстосницата кај Охридска банка, но предупредувањето не го сфатив сериозно и по неколку недели, за несоодветно поминување на семафори повторно ме запре контрола и ми изрече покана за да одам на обука за сообраќајна поука. Бев лута што ме запреа токму мене од сите останати пешаци, но од друга страна бев и задоволна што иако направив прекршок не бев парично казнета, вели повозрасна жителка на Охрид.
Таа смета дека сообраќајната полиција треба да преземе мерки и за зголемување на контролата на возилата односно возачите кои не им даваат предност на пешаците на пешачките премини.
Надлежните во СВР Охрид се согласуваат со констатацијата дека степенот на сообраќајната култура во Охрид не е на високо ниво, но потенцираат дека континуирано спроведуваат мерки за подигање на свеста на пешаците за безбедност во сообраќајот.
-Најчестите прекршоци кои ги прават и кои ги повторуваат пешаците во Охрид се преминување на места каде што нема обележан пешачки премин, прескокнување на бетонските огради на булеварите „Туристичка“ и „Железничка“, непочитување на вертикалната сигнализација и непочитување на црвеното светло за пешаци. При контролите на однесувањето на пешаците, собраќајните полицајци најчесто изеркуваат предупредувања и поуки, а целта на оваа практика е да не се применуваат репресивни мерки со изрекување на казни, вели Стефан Димоски потпарол на СВР Охрид.
Тој обајснува дека при опомените и поуките на учесниците во сообраќајот им се посочуваат и измените во новиот Закон за патниот сообраќај, односно одредбите во делот на казнената политика.
Исто така во рамки на превентивното делување СВР Охрид до сега има спроведно и неколку едукатвивни кампањи за пешаците, помеѓу кои и проектот за безбедност на учениците во патниот сообраќај.
Е.М