Сите боледувања и други документи врз основа на кои учесниците во пописот од редовите на администрацијата бараат изземање, ќе бидат предмет на проверка од стручни (лекарски) комисии и секоја злоупотреба ќе се казни со закон.

Ова е наведено во владините заклучоци доставени до јавноста, а во врска со пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија кој е во тек.

„Сите лица кои што се избрани за попишувачи од редот на државната и јавната администрација се задолжени да ја почитуваат законската обврска и да учествуваат во пописот, а раководителите на институциите се задолжуваат да ги ослободат овие лица од тековните работни обврски, исто така, како што налага законот“, се вели во заклучоците.

Понатаму се бара обезбедување на максимална логистичка поддршка на активностите кои што ги спроведува Државната пописна комисија од страна на сите државни институции, а особено Државниот завод за статистика.

„На општините им се препорачува да овозможат максимална помош и поддршка на терен на сите кои што се вклучени во тековниот попис“, се вели во владините заклучоци.

OhridNews
извор: Makfaks