Со 36 европски дестинации, 13 авиопревозници ќе ја поврзуваат Македонија во рамки на зимскиот ред на летање. Според информациите кои ги објави „МРТ“ покрај постојните, нови дестинации засега нема да има. Сите авиокомпании што сега оперираат ќе продолжат и од крајот на октомври до март следната година.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство информираат дека редот на летање се уште се подготвува, а според најавите авиопревозникот  „Виз Ер“ ќе има 40- тина лета неделно и ќе превезува патници до 14 дестинации.

Од Владата за „МРТ“ потврдиле дека на почетокот на 2015- тата ќе биде објавен нов повик оглас за финансиска подршка на авиопревозник за што биле обезбедени пари во буџетот.

-Министерството за транспорт и врски на почетокот на следната година ќе треба да распише нов јавен меѓународен повик во конкурентна тендерска постапка за доделување финансиска поддршка со цел развој на воздухопловниот сектор во Република Македонија и воздушниот сообраќај да биде што подостапен за граѓаните на Република Македонија, информирале од Владата.

Исто така Владата продолжува со субвенционирање на авиокомпании што ќе донесат поконкурентни цени, а процедурата за национален авиопревозник е отворена.

OhridNews

Извор: „МРТ“