
-Реално може да се очекува повисока цена на брашното поради неколку фактори. Македонија има домашна пченица, но освен во битолскиот регион, не е квалитетна. За да добиеме добро брашно, треба да ја мешаме со увозна, а контролите на увоз (лабораториските испитувања) ја зголемуваат цената за 1 денар по килограм пченица. И бидејќи и во регионот има недостиг на добра пченица, цената скока. Кога се ќе се собере, ќе се одрази врз цената на домашното брашно, вели Николчо Ѓорѓиев, претседател на групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора на Македонија.
Мелничарите доставиле барање за средба со ресорниот министер за земјоделство.
-Чекаме да ни закажат термин. Треба да го информираме за состојбите и да побараме решение за давачките на увоз на пченица, да се вратат на старото решение. Кога се воведуваше контролниот механизам, заложбата беше да се зголеми контролата на увозното брашно, а не толку на пченицата, сега во пракса е обратно, вели Ѓорѓиев.
Сегашната цена на брашното за тип 500 е меѓу 17 и 20 денари, а за тип 400 од 24 до 27 денари.
OhridNews












