Гласачите на денешните избори ќе бидат евидентирани двојно. Еднаш при гласањето за претседател, а втор пат при гласањето за градоначалник и членови на општинскиот совет. При тоа, според Изборниот законик, тие ќе имаат право да се изјаснат само за градоначалник и Совет, а да не гласаат за претседател и обратно. Во тој случај тие нема да бидат евидентирани во еден од двата избирачки списоци.

Двојната евиденција во избирачкиот список е неопходна затоа што цензусот за избор на претседател и градоначалници не е ист. За избор на претседател долниот праг на излезеност е 40%, а за избор на градоначалници тој е 30% во вториот круг.

Со оглед дека се работи за сложен изборен процес, а со цел да се избегнат евентуални изборни малверзации, граѓаните во текот на изборниот ден ќе може само еднаш да се појават на гласачкото место. Значи, не ќе може повторно да се појават на гласачкото место, ако се премислат или ако гласале само за кандидатите за локална, односно само за претседателски кандидат.

Граѓаните ќе добиваат по три гласачки ливчиња – за претседател, за градоначалник и за советничките листи. Своето избирачко право, вчера, први го остварија раселените, лицата што се наоѓаат на издржување казна затвор, како и болните и немоќните, кои поднеле барање и добиле одобрување од општинската комисија.

OHRIDNEWS