Гласачите на денешните избори ќе бидат евидентирани двојно. Еднаш при гласањето за претседател, а втор пат при гласањето за градоначалник. При тоа, според Изборниот законик, тие ќе имаат право да се изјаснат само за градоначалник, а да не гласаат за претседател и обратно. Во тој случај тие нема да бидат евидентирани во еден од двата избирачки списоци.

Двојната евиденција во избирачкиот список е неопходна затоа што за избор на претседател постои цензус кој изнесува 40% од вкупно запишаните избирачи.

Со оглед дека се работи за сложен изборен процес, а со цел да се избегнат евентуални изборни малверзации, граѓаните во текот на изборниот ден ќе може само еднаш да се појават на гласачкото место. Значи, не ќе може повторно да се појават на гласачкото место, ако се премислат или ако гласале само за кандидатите за грдоначалник, односно само за претседателски кандидат.

Граѓаните во Општина Охрид  ќе добиваат по два гласачки ливчиња – за претседател и  за градоначалник. Своето избирачко право, вчера, први го остварија раселените, лицата што се наоѓаат на издржување казна затвор, како и болните и немоќните, кои поднеле барање и добиле одобрување од општинската комисија.

Ohridnews