
За таа цел објавен е конкурс на кој може да се пријават здруженија, правни лица кои се регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија и физички лица. На конкурсот не може да учествуваат национални установи од областа на културата, локални установи од областа на културата, општини и образовни установи, но тие можат да бидат партнери во проектите со субјектите што имаат право на учество на конкурсот.
Планирано е да бидат поддржани проекти кои се во функција на промоција, афирмација и развој на креативните индустрии, приоритетно во следниве сектори: Визуелни уметности (графички дизајн, мултимедијален дизајн); Индустриски дизајн, дизајн на производ и моден дизајн; Развој на нови медиуми (поттикнување /поддршка на креирање на И фаза за развој на проектот); Дизајн и интервенција во јавен простор и Едукативни настани (обуки и работилници), манифестации и конференции во функција на понатамошен развој и стекнување нови знаења и искуства од областа на креативните индустрии.
Пријавувањето на проектите се врши со доставување пополнета пријава која е објавена на веб-локацијата на Министерството за култура. Конкурсот ќе трае до 4-ти декември 2015 година.
Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на креативните индустрии за 2016 година, кој се објавува по четврти пат, е активност предвидена со Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година заради унапредување на овој мошне значаен сектор. Министерството за култура досега има поддржано околу 150 проекти кои нудат различни иновативни уметнички форми и содржат препознатливи естетски вредности.
OhridNews











