Хотели и други рекреативни содржини поврзани со туризмот ќе се градат во туристичките зони, кои во иднина ќе се формираат покрај Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.
Премиерот Никола Груевски вчера појасни дека за реализацијата на овој проект веќе се подготвува закон, со кој ќе се прецизира формирањето на овие туристички зони.

– На овој проект се осврнавме на последната седница на Комитетот за туризам и можам да  кажам дека сме во фаза на подготовка на закон со кој ќе се формираат овие туристички зони. Тој ќе предвидува формирање на одредени поголеми локации од повеќе хектари што ќе бидат во близина на езерото и ќе бидат наменети за туристички капацитети и  рекреативни содржини, изјави Груевски.

Тој објасни дека локациите ќе бидат понудени како цели зони, а подоцна доколку не успее продажбата на цели зони ќе се оди парцијално за изградба на хотели.

– За нив ќе се дадат специјални бенефиции за да се привлечат повеќе инвеститори да изградат хотели во овие зони, кои подоцна ќе ни носат повеќе гости, туризам, повеќе девизен прилив, повеќе вработувања и посилна економија. Проектот е сличен како технолошко-развојните индустриски зони каде што се привлекуваат инвестори кои градат фабрики, потенцираше премиерот Груевски.

OhridNews