Во општина Охрид ќе се гради откупен центар за овошје, најави градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески после денешната средба со министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Димоски.
Една од темите на која било разговарано се однесува на можноста за отворање на откупен центар и ладилник во с. Лакочереј за кој веќе Секторот за урбанизам и просторно планирање при Локалната самоуправа пристапи кон изработка на планска документација за пренамена на земјиштето на тој дел врз основа на кое што подоцна ќе следат постапки за договарање со странски инвеститор.
-Во изминатиов период имавме голем број инвеститори кои беа заинтересирани за изградба на еден ваков откупен центар со ладилник со што ќе се остварат и нашите ветувања кон граѓаните кои живеат во овој дел, а секако и останатите земјоделци ќе бидат стимулирани да го развиваат своето производство, посебно за производство на познатата охридска цреша и секако останатите култури пред се овошје. Со тоа нема да го развиваат само својот бизнис туку и да оставруваат нови вработувања, токму она што е и наша круцијална цел- рече градоначалникот Бакрачески.
Министерот Димоски изрази желба да му се помогне на Охрид во делот на земјоделството, за што, како што беше истакнато, ќе придонесе и отворањето на канцеларија во рамките на Секторот за туризам и локален економски развој која што ќе го поттикнува развојот на земјоделието и ќе овозможи стручна помош на земјоделците на овој крај со што ќе се детектираат проблемите и начините за нивно брзо решавање.
-Морам да го искажам своето задоволство заради соработката со градоначалникот Бакрачески и секако да додадам дека изградбата на овој откупен ценар би бил иницијатор за забрзување на овоштарството во Охрдскиот регион, посебно за охридската цреша која е карактеристична за ова поднебје – рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димоски.
Покрај спомнатата иницијатива, локалната самоуправа најави дека ќе следат и низа други меркиа развој на земјоделието во Охрид и привлекување инвестиции во овој крај.