Малото пристаниште кое е лоцирано пред хотелот Палас, во иднина ќе прерасне во современо уредена зона, на која ќе се изгради туристичко-угостителски објект. За реализирање на овој план, општина Охрид во текот на вчерашниот ден објави Oглас за пројавување интерес за воспоставување на јавно приватно партнерство за изградба и користење на малото пристаниште.

-Поаѓајќи од општите цели на општината во однос на комуналното уредување, оштина Охрид има намера да изврши целосно преуредување на кеј Македонија и малото пристаниште спроти хотелот Палас. Целта на преземањето на вакви активности е да се добие современ, репрезентатитвен и функционален дел на градот со кој ќе се допринесе за разубавување на истиот  и збогатување на туристичката понуда. Во услови на ограничени финансиски можности општината има идеја малото пристаниште да се уреди по пат на јавно приватно партнерство, според кое на приватен инвеститор би му се доделила целосната изградба на малото пристаниште, а за возврат би му се доделило на одредено време користење на дел од истото за отворање на угостителска дејност. Согласно идејното решение малото пристниште покрај основната намена, на поголемиот дел од истотот би се изградил и современ туристичко угостителски објект, пишува во објавениот оглас.

Со овој оглас општината има намера да ја утврди заинтересираноста на економските оператори, исправноста на постапките и подобноста на решението за уредување на просторот.

-Поради тоа се повикуваат сите економски оператори кои се заинтересеирани за вложување во вакви содржини да се пријават на овој оглас со свои забелешки, сугестии и бизнис планови за изградба и користење на малото пристаниште како деловен објект за развој на туристичко угостителската дејност, стои во објавениот оглас.

Пријавите за заинтересираност како и забелешките и сугестите во врска со овој оглас ќе може да се достават најдоцна до 29-ти октомври 2014 година.

OhridNews пред неколку месеци објави  Тема поврзана со малото, односно старото пристаниште во Охрид, во која се посочуваше на неуреденоста на овој потег од градскиот кеј.

OhridNews