Денес, во пробна работа ќе биде пуштена првата пумпна станица од колекторот кај Пештани.

Како што велат од Локалната самоуправа, “ етапното и наизменично пуштање во употреба на пумпните станици е неопходно заради проверка на функционалноста на трасата, односно цевководот на колекторскиот систем поради неговата запушеност и евентуалните оштетувања настанати во периодот од неговото поставување до сегашните зафати за изградба и функционирање на делницата до Пештани”.

Градоначалникот Петрески, на последно одржаната седница на Советот на општина Охрид, изјави дека при изградбата на колекторот биле соочени со бројни проблеми предизвикани од несовесни граѓани. Имено, во неколку наврати биле пресечени каблите и уништени пумпи во двете пумпни станици.

“ Очигледно, на некого не му одговара овој дел од колектрорскиот систем конечно да биде предаден во употреба. Како поинаку да се толкува сечењето со секири на каблите од пумпните станици и уништувањето на пумпите што пристигнаа од Шведска. Наша намера е  со пуштањето во употреба на овој дел од колекторскиот  систем, од загадени  и отпадни води, конечно да се заштити источното охридско крајбрежје каде што има голем број на хотели, вили и други објекти за одмор”, рече Петрески.
Во моментов се врши и ревизија на  цевките, поставени пред десеттина години. Тие во голема мера биле оштетени во текот на неодамнешните поплави во Охрид, кога беа исполнети со езерска вода.

Официјалното  пуштање во употреба на колекторскиот систем во Пештани е најавено за 4 јули.

T. K.