Претприемачите кои во изминатата година покажале успех и квалитет во своето работење ќе бидат наградени во рамки на манифестацијата „Претприемач на годината“ која ќе се одржи утревечер во Скопје. Целта на оваа манифестација која се организира по седми пат е да се наградат најдобрите мали и микропретпријатија и да се промовираат успешните претприемачи во Македонија. И оваа година, ќе бидат доделени I и II награда за најуспешни претприемачи во доменот на микро претпријатија и I и II награда во доменот на мали претпријатија.

Од ,,Сојузот на стопански комори на Република Македонија”, кои се иницијатори и организатори на ова престижно бизнис наградување, велат дека истакнувањето на позитивните примери кај претприемачите може да поттикне многумина да започнат свој бизнис и на тој начин да влијаат врз развој на претприемништвото во Македонија.

-Изборот се темели на податоци за микро и мали претпријатија на територијата на Македонија, што Координативното тело на „Претприемач на годината“ ги добива од Централниот регистар на Република Македонија. За најдобри микро и мали претприемачи се сметаат оние, кои во последните 3 години од работењето, го зголемиле бројот на вработените, имаат постојан раст на приходите и добивката како и раст на инвестициите, информираат организаторите.

Манифестацијата „Претприемач на годината“ ја поддржуваат ,,Македонската развојна фондација за претпријатија’’, ,,Стопанска комора на Северозападна Македонија’’ ,,Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење’’, а институционален покровител на истата е Министерството за економија на Република Македонија.

OhridNews