Со цел да зачува нивната автентичност и да се зачуваат од пропаѓање и уништување, до крајот на годинава ќе се изврши конзервација и реставрација на две икони од постојаната поставка на Галеријата на икони во Охрид. Ова е предвидено во годишната програма за Музејска дејност на Министерството за култура на Република Македонија.

-Секоја година Завод и Музеј Охрид врши конзервација на 2 или 3 икони од постојаната поставка од Галеријата. Оваа година  се  конзервираат следните икони:  Св. Јован Крстител од крај на XVII почеток на XVIII век и литиската икона Богородица Одигитрија на една страна и Распетие Христово на другата страна од XIII век, информираат надлежните во Министерството за култура.

Тие објаснуваат дека конзервацијата на иконите е исклучително потребна бидејќи истите последен пат се конзервирани во 50-тите години од минатиот век, а во меѓувреме се прaвени само одредени санации.

Конзервацијата на иконите ќе се врши во Националниот конзерваторски центар од страна на М-р Невена Величковска.

OhridNews