На наредната седница на Советот, овој четврток,  предложени се две точки од финансиската сфера кои засегаат одредени сегменти и на политичкото но и на туристичкото живеење на Охрид. Се работи прво за намалувањето на паушалите на советниците во Општина Охрид кои наместо досегашните 84% од просечната исплатена плата во државата, како паушал ќе земаат 70% од истата, или некаде околу 14.000 денари. Опозицијата во Советот, ја прифаќа предложената измена, но има забелешки на редовноста на исплатување на советничкиот паушал.

Ова е прилагодување кон новата законска регулатива која предвидува во општините со над 50.001 жител , избраните членови на Советот да имаат паушал за работата во висина од 70% од просечната исплатена плата во РМ. И тоа како советничка група нормално го прифаќаме. Сосема друго е прашањето дека такви паушали нема веќе со месеци.-изјави Дејан Пановски, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Пановски поголеми забелешки има за предлог одлуката за зголемување на давачките за добивање на лиценца за отворање на ноќен клуб, кабаре или диско клуб, која исто така ќе се најде пред советниците на претстојната седница.

– И покрај проблемите со лиценцирањето на овие објекти што ги има Охрид, сметаме дека погрешно е избран тајмингот за вакви промени затоа што тоа дополнително може да ја обремени понудата и да ги зголеми цените во овие објекти кои се најактивни во летниот период. Но, уште поважно е при издавањето на лиценци да се внимава посебно на аспектот на бучава произведена од овие објекти, затоа што јасно е дека  имаме сериозни проблеми со бучавата во летниот период. – вели Пановски, кој апелира општината преку инспекциските служби строго да ја контролира оваа проблематика. Тој предлага и со знаци да се обележат  таканаречените зони на тишина посебно во населените квартови, со цел да се намали  овој сериозен проблем со кој се соочуваат граѓаните на Охрид.

OhridNews