Владата усвои план за реформа на законодавството за стечај. Со оваа реформа ќе се забрзаат процесите за решавање на стечајните постапки, ќе се зголеми транспарентноста на процесите, значително ќе се намалат аномалиите и девијациите на процесот, и она што е најбитно ќе се зголемат и стимулираат можностите и опциите компаниите да не одат во стечај, туку оние кои се соочуваат со предизвици во својата работа да бидат насочувани кон реорганизација на деловниот потфат и продолжување со работа, информираат од Владата.

Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за стечај, предвидува при потешкотии во работата наместо одење кон гасење на компанијата преку стечајна постапка да се стимулира реорганизација на деловниот потфат, односно опциите да се продолжи со работа преку квалитативни измени во бизнисот. За таа цел, привремениот стечаен управник ќе добива значителна финансиска награда која ќе биде поврзана со фиксен износ во зависност од големината на конкретниот бизнис. Така тој ќе биде мотивиран да изнајде опции да се продолжи со работа, да се обезбеди доходовност, што ќе значи и задржување на бизнисот и работните места, смета владата.

Во насока на зголемување на транспарентноста на процесите, ќе се воведе електронско постапување во делови од стечајната постапка, која според владата, ќе гарантира независност и фокус на приоритетите, и тоа:
-одлуките од судот во врска со стечаите ќе се објавуваат на новововедена електронска рубрика Е-стечај на веб страна на Централниот регистар;
-се воведува електронско именување на стечајни управници со што се врши рамномерна распределба на предметите и се овозможува на сите стечајни управници да имаат можност да бидат именувани во постапки пред други судови и се елиминира можноста за субјективизам во определување на стечајните управници;
-се воведува електронска продажба на имотот на должникот;
-се ограничува бројот на огласи за продажба на 3 огласи, и по 3 неуспешни обиди се распределува имотот на доверителите и се заклучува стечајната постапка. Со ова се елиминира одолговлекувањето на постапките со што се избегнува намалување на вредноста на имотот што е предмет на продажба.

Третиот корпус на измени се однесува на значително намалување на роковите за постапување, со што, според владата, ќе се придонесе за брзо процесуирање на предметите, ефикасност и ефективност, и заштита на вредноста на имотот.

Исто така, се укинува стечајниот совет како орган кој решава по жалби и со тоа се скратува времетраењето на постапката, а по спорови во врска со стечајот наместо во парнична постапка кај друг судија ќе се решава пред стечајните судии со што се добива во време.

Во просек роковите за постапување се кратат за половина од постоечките, а финалните ќе бидат утврдени по јавната дебата која претстои, соопшти владата.

OhridNews