Охридската локална самоуправа догодина ќе го промени грбот на Охрид. Оваа иницијатива како резултат на препораките и стандардите на УНЕСКО е дел од општинската ,,Нацрт програмата за Меѓународна соработка за 2014 година”. Надлежните од Општина Охрид информираат дека постапката за промена на грбот била веќе започната.
-Првата фаза за промена на општинскиот грб, Советот на Општина Охрид веќе ја има поминато и во тек е постапка за целосно изменување на грбот односно отстранување на симболот од нашиот грб кој што го користи УНЕСКО. Тоа е во согласност со правилата на оваа меѓународна организација, според кои симболи на УНЕСКО не смее да има на грбови од други институции, велат од Општина Охрид.
Од таму нагласуваат дека измените на грбот на Охрид , ќе бидат во согласност со сите законски постапки и процедури.
Јован Јоновски, претседател на ,,Македонското хералдичко здружение’’, го поддржува потегот за промена на главниот симбол на градот Охрид. Според него ваква промена требала да се случи и многу порано.
-Употребата на логото на Светското наследство е сосема неприфатливо и противзаконски. Визуелно, според соодносот на елементите, Охрид за симбол на градот го користи знакот на Светското наследство при што има извршено минимална интервенција врз неговата форма, со додавање на стариот грб, вели Јоновски.
Тој потенцира дека стариот грб во форма на штит кој се користел пред 90-тите години има огромен потенцијал да прерасне во едно одлично хералдичко решение.
-Имено, сите елементи, тврдината, бротчето, езерото и нивниот заемен однос можат да се опишат на хералдички јазик. Недостасува само дефинирање на полето и на елементите и на нивните бои. Текстот „Охрид“, мора да се отстрани, бидејќи е недозволив во Хералдиката. Дополнително, употребените елементи на грбот ги задоволуваат сите симболички побарувања поставени пред нив, објаснува Јоновски, додавајќи дека за изработка на нов грб, потребна е интервенција од лица со висока стручност и компетентност, за да не се повтори грешката од почетокот на деведесетите години.
Стариот грб на градот Охрид е еден од најстарите месни грбови во Република Македонија. Потекнува од 1950-тите години, а од него постар е само грбот на град Скопје, кој е создаден во 1933 година. Овие два симбола се единствените општински македонски грбови кои се регистрирани во Регистарот на локални знаци во Обединетите Нации во 1967 година. Во почетокот на деведесетите години на минатиот век е извршена интервенција на грбот на Охрид со додавање на логото на организацијата на Светско Наследство при УНЕСКО.
Е.М