Куќата на Робевци, која е еден од најзначајните објекти од охридската староградска архитектура во иднина ќе добие целосно обновен ентериер, со помош на донација од Турската агенција за поддршка на културното наследство „Тика“. Покрај обновувањето на ентериерот, во куќата ќе биде поставена и целосно реконципирана поставка, посветена на животот и делото на охридското семејство Робевци.

Овие активности се дел од Проектот на Министерството за култура за поставување на постојани музејски поставки во 16 национални музеи во Македонија, кој ќе се реализира во периодот од 2014 до 2017 година.

Како што информираат од министерството, целта на овој проект е да се претстави богатото културно наследство што го поседува државата како и артефакти поврзани со настани и личности од регионот во кој е лоциран музејот.

-Музејските поставки ќе бидат извонредна можност домашните гости и посетителите од странство да се запознаат со непроценливите културни вредности на македонското културно наследство. Сите тие ќе добијат концепциско и ентериерно преуредување, како и воведување на засилен безбедносен систем за музејските објекти, видеонадзор, аларм, сензорна и противпожарна заштита, појасни министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска во Скопје.

Освен реконструктивните активности во Куќата на Робевци, особено значајано за Охрид ќе биде отварањето на Златната соба, која ќе биде сместена во една од просториите на оваа куќа. Во златната соба ќе бидат изложени сите златни предмети пронајдени со археолошките истражувања во Охридскиот регион. Се работи за ексклузивна поставка со повеќе од 400 експонати, која  според најавите ќе биде достапна за јавноста од 8-ми декември 2014 година.

OhridNews