Максимално олеснување на секојдневното работење на фармацевтите и аптеките, како и релаксирање на казнената политика и намалување на договорните казни согласно владината политика, предвидуваат изготвените нови анекси на договори за 2016 година за аптеките, кои стапуваат во сила од 1-ви јануари и се резултат на преговорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) со Фармацевтската комора на Македонија.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски рече дека новите анекс договори во текот на јануари ќе бидат доставени на потпис до субјектите преку електронски пат и електронски ќе ги потпишат. Со подобрување на сегашните договорни одредби, истакна, ќе се овозможи поголема фармацевтска грижа за осигурениците, генерално порелаксиран однос на фармацевтите кон Фондот и намалување на обврските кои непотребно ги оптоваруваа фармацевтите.

-Со новите анекси на договорите се овозможува подобро планирање на времето на фармацевтите без да остануваат секојдневно да средуваат административни работи по работното време. Воедно измените се во насока на унапредување на електронското работење. Измените на договорите го следат трендот за добивање поквалитетна фармацевтска услуга и поголема грижа за пациентите, рече Стефаноски.

Тој посочи дека новите анекси на договори предвидуваат намалување на осум договорни казни од половина месечен надоместок во опомена, но само за првиот констатиран прекршок. Доколку истиот прекршок се повтори, ќе се изрече казна од половина месечен надоместок. За две раскинувања на договор како што досега беше предвидено, со новиот анекс се предвидува само парична казна, како и две договорни казни од еден месечен надоместок се намалуваат во половина месечен надоместок, потенцира директорот на ФЗОМ.

Како заштитен механизам за осигурениците воведуваат обврски кои се однесуваат на тоа дека аптеката мора да издаде лек на осигуреник доколку го има на полица во рамки на својата квота, да издава фискална сметка во која ќе се види целиот износ на лекот, партиципацијата и доплата доколку има. Оваа мерка ќе биде задолжителна за сите аптеки од 1-ви април 2016 година, со што секој ќе може на лице место да види дали правилно му е наплатена партиципацијата и се исклучува каква било можност за евентуална манипулација затоа што во секоја аптека на видно место ќе биде истакната скалата за наплата на партиципација за лекови на рецепт.

OhridNews