Под мотото „Биди креативен, започни свој бизнис“, Министерството за економија на Република Македонија во текот на оваа година ќе организира Натпревар за најдобар бизнис план. За таа цел во текот на јануари ќе биде објавен јавен повик до сите студенти и млади претприемачи, за да аплицираат со идеи кои ќе бидат евалуирани од страна на посебна комисија.

Според планираното апликантите чии идеи ќе бидат избрани ќе поминат низ обука составена од 13 модули со цел да бидат адекватно оспособени за преточување на нивните идеи во бизнис план. После преточувањето на идеите во конкретни бизнис планови апликантите ќе бидат повикани да конкурират со нивните бизнис планови кои ќе бидат предмет на комисиска евалуација.

-Проектот „Натпревар за бизнис план“ има за цел да го поттикне претприемничкиот дух во соработка со универзитетите и бизнис заедницата. Овие активности имаат за цел да им овозможат на студентите и младите претприемачи да се здобијат со поголеми знаења за тоа што значи да се биде претприемач и како крајна цел да се започне сопствен бизнис, стои во писменото соопштетние на Министерството за економија.

Целиот проектен циклус се планира да заврши со избор на пет најдобри бизнис плана. Победниците ќе се презентираат  на свечена церемонија во рамките на кој ќе им се доделат плакети и ваучери за техничка и финансиска помош за основање на компанија. Првата награда ќе изнесува 330.000 денари, а за второто место се предвидени 230.000 денари. Апликантот кој ќе го освои трето место ќе добие ваучер од 130.000 денари, а на четвртопласираниот ќе му бидат доделени 100.000 денари. Парична награда во износ од 60.000 денари, е предвидена и за петтопласираниот во категоријата најдобар бизнис план.

OhridNews