Почнувајќи од наредната недела, па до крајот на годината  во речиси секој здравствен дом во Македонија ќе биде отворен дневен центар за лекување на депресија. Станува збор за центри кои ќе работат еднаш неделно, од 14 до 20 часот. Во секој центар ќе биде ангажиран по еден  специјалист психијатар, кој ќе дава здравствени услуги на пациентите без претходно закажан термин, а по потреба ќе ги упатува на натамошно лекување.

Со отворање на Центрите за депресија овозможуваме дополнување на здравствениот систем во областа на душевното здравје.  Депресијата е болест на современото општество и во нејзиниот третман потребно е да се вклучат не само за професионалците во областа на менталното здравје, туку и за експертите како што се социолози, психолози, педагози и др. Депресијата  претставува психијатриско растројство кај кое главен симптом е патолошки намалено расположение.Според податоците од Светска Здравствена Организација, околу 350 милиони луѓе од сите возрасни групи, националности и други групи страдаат од депресија. Се смета дека во просек секоја петта жена и секој десетти маж во текот на животот ќе искусат барем една сериозна епизода на депресивно растројство. Статистиките покажуваат дека 7% од популацијата во европскиот регион страда од потешки форми на депресија (таканаречена мајор депресија), и таа бројка достигнува и до 25% од општата популација ако се вклучат и полесните форми, како и оние поврзани со анксиозност, истакна Тодоров.

Центарите за депресија во Охрид и Струга ќе функционираат во рамки на Здравствените домови во двата града, а ќе започнат со работа во втората фаза на проектот, во текот на ноември.

Овие центри ќе функционираат како сервиси на заедницата надвор од болничките установи, со цел превенција на депресијата, истовремено исклучувајќи ги аспектите на стигматизација. Во текот на имплементација на проектот, согласно проценетите потреби, Министерството за здравство соодветно ќе ги прошири тимовите со цел да обезбеди мултидисциплинарен пристап во работата на центрите.

OhridNews