Во сите градови од Македонија ќе се воведуваат дежурни аптеки кои ќе работат и во ноќните часови, најави министерот за здравство Никола Тодоров, кој истакна дека по ова прашање Министерството веќе подолго време заедно работи со Фондот за здравствено осигурување.

Со недостиг од дежурни аптеки се соочуваат и жителите од Охрид за што неодамна пишуваше и OhridNews. 

Освен во летниот период кога дел од аптеките применуваат ротационо дежурно работно време, во останатите месеци од годината нема ниту една дежурна аптека. Сите аптеки кои функционираат низ Охридскиот  регион работат исклучиво до 20 или најдоцна до 21 часот и ниту една од нив до сега нема воведено редовна ноќна смена.

Од Подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување објаснaa дека во Охрид не функционира ниту една дежурна аптека, затоа што ниту еден од сопствениците не пројавил интерес да воведе ноќна смена.

– За една аптека да воведе 24-часовно работно време не се потребни посебни дозволи или да се исполнуваат посебно пропишани услови, туку едноставно треба само да се  обезбеди кадар кој би работел во ноќните часови. Но бидејќи тоа е дополнително оптоварување на трошоците кои ги имаат сопствениците, до сега ниту една од охридските аптеки не вовела вакво работно време, освен некои аптеки кои имаат истакнато телефон, на кој пациентите можат да се јават и да ги повикаат, додаваат од Подрачната единица ФЗОМ во Охрид.

OhridNews