Селото Пештани и населбата „Радојца Новичиќ“ во иднина ќе добијат дисперзирани групи на градинки, кои ќе работат под надлежност на Детската градинка „Јасна Ристеска“. Ваква одлука донесе Советот на општина Охрид на вчерашната седница.

Според најавите од охридската локална самоуправа, дисперзираните градинки ќе работат во простории на Основното училиште „Кочо Рацин“ во Охрид и во рамките на Основното училиште „Свети Наум Охридски“ во Пештани.

-Дисперзираните градинки кои беа отворени во селата Велгошти и Лескоец се покажа како добра пракса и согласно со програмата за работа на градинката подготвени сме оваа година да пристапиме и кон отварање на уште две нови дисперзирани градинки. За опремување на една од градинките веќе имаме најавено и донација, за која претходно подготвивме и доставивме соодветна проектна документација, изјави Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.

Од општината се надеваат дека дисперзираните градинки ќе придонесат многу за згрижување на децата од предучилишна возраст во овие две населени места.

OhridNews