За промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија во текот на 2014 година, планирано е да се потрошат над 3,7 милиони евра или точно 231.380.000 денари.
Во годишната програма на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, најголем дел од средствата или вкупно 110 милиони денари се распределни во делот за субвенции на странскиот туристички промет, кои се наменети за туроператорите и туристичките агенции.
За подготвување, печатење и дистрибуција на промотивен материјал, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот има наменето 4,8 милиони денари, а за учество на светските туристички саеми, годинава ќе бидат потрошени вкупно 18.870.000 денари.
Според плановите, за организирање на средби со странски туроператори ќе бидат наменети 2.420.000 денари, а приближно толку средства ќе се потрошат и за организирани посети на странски туроператори и новинари во Република Македонија. За билборд кампањи и реклами во печатените медиуми, издвоени се 7,7 милиони денари, а за промоција на интернет и на социјалните мрежи ќе се потрошат 2 милиони денари.
Во делот на поддршката на туризмот и подобрување на туристичките услови, годинава е планирано реализирање на десетина наменски проекти кои ќе чинат вкупно 36.190.000 денари.
OhridNews