Во текот на оваа година ќе биде извршено истражување  на  бизнис  климата  во  охридското стопанство (BAS – Business Attitude Survey). Ова e предвидено во „Програмата за поддршка на локалниот економски развој на Општина Охрид за 2014 година“.

-Целта на ова истражување е да се добијат јасни податоци за структурата, бројот, типот, видот и други особини на охридските  претпријатија, со цел планирање на идни развојни мерки за унапредување на стопанството. По завршувањето на истражувањето ќе биде изработен Кластерски Каталог кој ќе го опфати охридското стопанство по дејности, со што ќе може да се врши негова промоција, пишува во описот на мерката.

Оваа мерка е дел од програмската активност „Засилување на локалниот економски развој и зголемување на конкурентноста на претпријатијата“.  

-Реализацијата на оваа програмска активност ќе се спроведе преку давање на поддршка на  постоечките претпријатија во Општина Охрид во нивните напори да најдат нови пазари и да ја подобрат својата конкурентност, со што ќе се даде придонес во развојот на локалната економија, отварањето на нови работни места и намалувањето на невработеноста во Општина Охрид, пишува во програмата.

Мерките од оваа програма се во согласност со Националната развојна политика за претприемништво, Националната стратегија за развој на МСП и Стратегијата за Локален Економски Развој на Општина Охрид.

OhridNews