Владата на вчерашната седница ја разгледа информацијата од Министерството за здравство за изградбата нов објект на Клиничкиот центар во Скопје. Констатирани се повеќе проблематични делови во врска со постапката, локацијата и други прашања поврзани со проектот. Донесена е одлука премиерот, министерот за здравство и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања да одржат состанок со претставници на Европската централна банка за да се изнајде соодветно и трајно решение за новиот Кличнички центар како исклучително значајно прашање за потребите на граѓаните од цела Македонија. 

На седницата, Владата одлучи да бидат формирани три координативни тела што ќе бидат посветени на постигнување поголеми резултати во ангажираноста на домашните компании при реализацијата на странските инвестиции, на анализа на мерките за привлекувањето странски инвестиции, што досега изостанува, како и на мерки за консолидација на енергетиката со цел реализација на квалитетна државна ененргетска стратегија.

Владата на денешната седница ја разгледа информацијата за користењето и имплементацијата на ИПА фондовите, при што се задолжени повеќе министерства и правосудни органи да достават статуси за исполнување на предусловите за користење ИПА фондови, да организираат состаноци на високо ниво за целосно искористување на ИПА И во правосудниот сектор, како и со цел зајакнување на административниот капацитет на повеќе институции. Задолжени се сите институции кои набавиле возила преку европски фондови / ИПА средства во последните 3 години, да подготват и достават извештај, со број на набавени возила, употребна состојба на возилата и корисник, до Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 29.06.2017 година. Исто така на владината седница е заклучено Секретаријатот за европски прашања до крајот на јули да излезе со информација за досегашната вкупна искористеност на ИПА фондовите од страна на институциите во земјава, како и можните злоупотреби на пари од овие фондови.

Владата на денешната седница го разгледа извештајот за работењето на Инспекцискиот совет. Поради констатирани злоупотреби на инспекциски служби, донесен е заклучок за утврдување стратегија со слабостите и предностите во функционирањето на Инспекцискиот совет во функција на негова објективна и непристрасна работа.

OhridNews