Без амин од опозицијата, мнозинството советници денес ги усвоија предлог одлуките за оттуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија за изградба на катна гаража, автобуска станица и Дом за стари лица.
Советниците од опозицијата пред да се гласа за трите предлог одлуки ја напуштија седницата, потенцирајќи дека не сакаат да се дел од носењето на лоши одлуки кои не се во интерес на граѓаните. Упатија критика до локалната власт што реализацијата на трите проекти се врши преку продажба на земјиштето.
– Во изборната програма на актуелната локална власт стои дека трите проекти ќе се финансираат од општинскиот буџет, но за жал денес имаме одлуки со кои почнува постапка за оттуѓување, односно продажба на земјиштето каде е предвидено да се изградат овие објекти. Сметаме дека не треба постапката да оди преку продажба, туку преку други форми како што се долгорочен закуп, давање под концесија.СДСМ и коалиционите партнери ги подржуваат овие проекти кои беа и во нашата програма, но целокупниот имот се распродава, што е трагедија. Ако ги продадеме и овие парцели што ќе им оставиме на идните генерации во наследство, изјави координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.
Градоначалникот Никола Бакрачески со одговор дека никогаш претходно не било ветено дека проектите ќе се реализираат со општински пари.
– Никогаш не сме ветиле дека финасирањето на проектите за изградба на катна гаража, автобуска станица и Дом за стари лица ќе се врши со средства од општинскиот буџет , само дека ќе ги изградиме. Според извршените анализи, консултации на стручните лица во изминатиот период и контактите со лицата кои пројавиле интерес да инвестираат, ние сметаме дека на овој начин е најлесно да се дојде до реализација. Не можеме да предвидеме опција која однапред знаеме дека нема да успее. Доколку пак огласите се неуспешни и никој не се јави или никој не ги исполни критериумите, тогаш ние ќе размислуваме и за друг начин на реализација на проектите, рече Бакрачески.
Градоначалникот потенцира дека оттуѓувањето на земјиштето ќе се врши со строго дефинирана намена. Врз основ на утврдената методологија од страна на владата, почетната продажна цена на земјиштето предвидено за изградба на Дом за стари лица, кој треба да се гради кај Далјан, е 1393 денари. Почетната цена на земјиштето за изградба на катна гаража е 1543 денари, а на земјиштето за изградба на автобуска станица 3170 денари.
Т. Кувенџиска