Нов тунел, мостови и девет клучки ќе бидат проектирани во рамки на дополнителниот проект за доизградба на автопатот Охрид – Кичево, за кој неодамна владата потпиша анекс на договорот со изведувачот „Синохидро“ од Кина. Ова го најави министерот за транспорт Горан Сугарески на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев и директорот на Агенцијата за патишта Зоран Китанов, на која беше презентирана стратегијата и плановите на Владата за изградба, за реконструкција, рехабилитација и обнова на патната инфраструктура. 

Допонителната анализа на изведбените работи, ќе ја одредат финалната цена на чинење на автопатот Охрид – Кичево, рече Сугарески.

Овој автопат, инаку, требаше да биде готов до крајот на јануари оваа година, но изградбата е пролонгирана до 2021 година, поради сериозни пропусти во проектот за кој до сега се потрошени околу половина милијарда евра, а крајната цена на чинење се уште се пресметува.

На прес конференцијата премиерот Заев соопшти дека се обезбедени 270 милиони евра за изградба, реконструкција и рехабилитација на повеќе од 60 патни правци во должина од околу 800 километри и најави градежна офанзива на патната инфраструктура во државата.

OhridNews