Со најновите законски измени рокот за поднесување барања се продолжува до 31 март 2016 година, а за оние коишто веќе имаат поднесено барање да можат да достават геодетски елаборати до 31 декември 2016 година.

– Сите граѓани кои не поднеле барање за легализација, сега повторно имаат можност до 31 март следната година до општините каде е изграден објектот да поднесат барање за легализација на дивоизградениот објект. Услов е објектот што е предмет на легализација да е изграден заклучно со 3 март 2011 година, информираат од министерството за транспорт и врски.

Пролонгирањето на рокот за доставување геодетски елаборат за една година е направена со цел на граѓаните да им се остави простор да имаат време за достава на елаборатите кои се клучен документ во процесот на легализација, а на геодетските фирми ќе им се овозможи полесно да ја вршат работата бидејќи со сегашниот рок немаат доволно време да ги изработат сите поднесени барања.

Првичниот рок за доставување на геодетски елаборати истекуваше на 31 декември оваа година.

Измените даваат и можност за легализација на бесправни објекти што се изградени на приватно земјиште. Тоа значи дека со стапување во сила на овој закон, сопственикот на дивоизграден објект ќе може да го легализира објектот на земјиштето што е во туѓа, односно друга приватна сопственост доколку во моментот на изградбата на објектот земјиштето било во сопственост на Република Македонија.

– Во овој случај измените предвидуваат заштита на правата на сопствениците на земјиштето преку обештетување од страна на лицето кое го легализирало објектот. исто така сопственикот на земјиштето или неговите наследници имаат право да побараат надомест за зејиштето без временско ограничување и доколку во рок од 20 години сопственикот на земјиштето побара надомест за земјиштето тогаш ќе се земе предвид пазарната цена на земјиштето во моментот на поднесување на тужбеното барање, велат од министерството.

Доколку сопственикот на земјиштето по истекот на рокот од 20 години побара обештетување за земјиштето тогаш предвид ќе се земе пазарната цена на објектот кога е тој легализиран. Сопственикот само по исплата на земјиштето ќе може да се стекне со права на сопственост врз земјиштето, а доколку во рок од 20 години сопственикот на земјиштето не бара надомест на штета, тогаш сопственикот на објектот во судска постапка може да бара право на сопственост врз земјиштето. Со измените се предвидува и доколку вредноста на земјиштето е поголема од вредноста на легализираниот објект, сопственикот на земјиштето може да плати надомест за објектот или да го купи објектот. Оваа измена не важи за објектите за домување или објекти од јавен интерес. Се дава и можноста да се легализираат објекти изградени на земјиште на Република Македонија со право на користење на други физички или правни лица без да се заверува изјава на нотар за тоа колку време го користат земјиштето.

OhridNews