Во понеделник, 19-ти февруари, со почеток во 15 часот во просториите на општина Охрид, ќе се одржи работен состанок за разгледување на предлог-одлуката за утврдување на висината на надоместокот за поставување урбана опрема во општина Охрид за 2018 година.

– Општина Охрид е и ќе биде транспарентна и отворена за соработка и носење на заеднички одлуки.Непосредното учество и заедничките напори овозможуваат создавање на визија која ќе се идентификува со широк спектар на активности и ќе иницира создавање на здрава основа врз која ќе се планираат понатамошните активности, а сето тоа ќе допринесе за квалитетен туристички производ и зголемен број на гости и задоволни посетители, велат од локалната самоуправа.

Поради реакциите на Еснафот на угостители, градоначалникот Јован Стојаноски, ја повлече од дневен ред точката за утврдување на висината на надоместокот за поставување на урбана опрема од 10- та седница на советот, одржана на 29-ти јануари: При тоа, беше кажано дека наскоро ќе се закаже средба со угостителскиот еснаф на која отворено ќе се искажат ставовите од двете страни.

Градоначалникот тогаш нагласи дека споменатото поскапување, кое иницира реакции, би се однесувало само во делот на поставување на урбана опрема и тоа само во делот на поставување на маси и столици и периодот во кој може да се постави таа урбана опрема.

OhridNews