Со цел да се продолжи времетраењето на туристичката сезона и да се збогати туристичката понуда на Охрид и Македонија, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот годинава ќе работи на четири програми за развој на алтернативниот туризам, насочени кон активности во природа, промоција на традиции и настани, како и унапредување на конгресниот  и спортскиот туризам.

-Започнат е проект кој ќе овозможи доуредување на планинарските домови и оформување на нови планинарски куќи. Исто така се работи и на развој на алпинистичкиот и спелеолошкиот туризам. Во соработка со УСАИД, во иднина ќе се имплементара проект за параглајдинг туризам во 4 атрактивни региони во Македонија. Во оваа насока инициран е и проект за создавање на мрежа на планинарски и велосипедски патеки, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.

Од таму објаснуваат дека во моментов работеле и на неколку проекти за промоција на традицијата и културните настани.

-Во проектот „Настани  и манифестации“ кој е во изработка, детектирани се сите  манифестации и настани на цела територија на Македонија, при што ќе се издвојат настани кои ќе бидат поддржани. Исто така се работи и на проект за промоција на манастирскиот и верскиот туризам, кој има за цел да го промовира богатото културно наследство  за  одредени целни групи, велат од АППТ.

Во фаза на подготовка биле и проекти за развој на винскиот и ловниот туризам.

-Отпочнат е проект за развој на ловниот туризам, а во соработка со Министерство за земјоделство, во тек е евиденција на ловиштата во Република Македонија. Исто така во соработка со ова министерство, изработена е и дата база за сите македонски винарски визби, а се работи и на проект за вмрежување на еко-етно селата од повеќе регион, појаснуваат од АППТ.

Исто така службите на државната агенција за туризам, во моментов работат и на проектот „Е-сместување“, со кој ќе се поврзат малите сместувачки капацитети низ цела Македонија, а туристите ќе може да прават резервации за сместување по електронски пат.

Е.М