Охридските улици „Јане Сандански“ и „Питу Гули“ во текот на наредните две години ќе бидат реконструирани и обновени. Ова е предвидено во „Развојната програма за уредување на градежно земјиште од 2014 до 2016 година“, која ја изготви охридската локална самоуправа. Според планираното, освен обнова на дел од асфалтот, овие две фреквентни улици ќе добијат и обновени тротоари, со што ќе се овозможи побезбедно движење на пешаците.

-Оваа програма ги одредува насоките за решавање на комуналните проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани, притоа обезбедувајќи основни услови за развој на општината и зголемување на квалитетот на живеење на нашите граѓани. Со ова се продолжува континуираниот развој на општина Охрид и зголемените инвестициони активности реализирани во изминатиот период, пишува меѓудругото во образложението на програмата.

Освен овие две улици, планирано е да бидат реконструирани и улиците „1-ва Македонска ударна бригада“, „Илинденска“, „Самоилова“  како и дел од улицата „Абас Емин“. Исто така планирано е да биде реконструиран и пристапниот пат до ОУ „Св.Климент Охридски“ и неколку улици од Урбаната заедница „Гоце Делчев“. Асфалтирање на нови улични краци ќе има на улиците „Сирма Војвода“, „Крум Точко“, „Момчило Јорданоски“ и во Урбаните заедници „Радојца Новичиќ“ и „15ти-Корпус“

Инаку Програмата за уредување на градежно земјиште била  изработена врз основа на направените анализи за можната реализација на урбанистичките планови, писмените забелешки на граѓаните, редовните контакти на Градоначалникот со одборите на месните заедници и согледувањата на стручните служби.

Е.М