До крајот на оваа година ќе биде извршена реставрација и санација на џамијата Мустафа Челеби во Струга, која минатата година беше делумно урната, најави директорката на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, Тања Паскали Бунташеска. Таа истакна дека активностите ќе се реализираат со поддршка на фондацијата „Тика“, за што се започнати подготовки на проектите кои треба да бидат завршени до 10 март. Веднаш потоа ќе се пристапи кон конзервација и санација на овој значаен споменик на културата, кој беше бесправно урнат минатата година, изјави Паскали Бунташеска.

-Ние ја прогласивме оваа џамија за споменично добро, но и покрај тоа веројатно  тогашното раководство на  муфтиството одлучи еден дел од неа да биде урнат со цел да се направи поголем и поубав објект. Ги презодовме сите активности тогаш пријавимве до МВР, Државниот градежен инспекторат, Управата за заштита на културното наследство и делумно успеавме најстариот дел од џамијата да го сочуваме. Заради тоа интензивно се работи на изработка на проектите за санација на џамијата, оние делови кои останаа ќе бидат санирани, останатиот дел што беше урнат ќе биде реконструиран и се надеваме дека во иднина нема да имаме вакви проблеми.-рече Тања Паскали Бунташеска – директор на Завод и Музеј Охрид.


Уривањето на заштитената Мустафа Џелеби џамија во Струга предизвика поделеност, но и револт помеѓу муслиманските верници во земјава, но и надвор од неа. Непосредно по овој чин беше разрешен тогашниот муфтија Ферад Полиси, а на негово место беше поставен Салим Сулејмани.

OhridNews