Информацијата за „Интегрираната студија за состојбата на остатокот од Студенчишкото блато и мерките за негова ревитализација“, која е изготвена,  ќе биде презентирана пред Советот. Со овој стратешки документ што го изработи стручен тим од биолози, хидролози и експерти по животна средина, се предвидува строга заштита на одредени делови и одржливо искористување на остатотокот од Студенчишкото блато кое зафаќа површина од речиси 64 хектари.


Во студијата предвиден е ископ на канали за поврзување на блатото со езерото, како и поставување на истражни бунари-пиезометри  на неколку локации во блатото заради утврдување на режимот на водите и нивниот квалитет. Исто така предвидено е отстранување на градежниот шут и реставрација на уништените блатни заедници,  утврдување на концепт за користење на блатото во научно истражувачки и едукативни цели, како и за воспоставување концепт за одржлив туризам.


Заштитата на Студенчишкото блато  ќе биде сериозен тест за градските советници, со оглед на големиот притисок за урбанизација на овој исклучително значаен дел од  еко системот на Охридското Езеро. Експертите предупредуваат на внимателност затоа што секое понатамошно уништување на оваа природна реткост може да има  несогледливи последици врз животната средина. Оттаму, став на стручната јавност е дека конечно Студенчишкото блато треба законски да се заштити со што ќе се спречи неговата натамошна деградација.

OhridNews