Македонија, со поддршка на ФАО, од февруари годинава ќе почне да спроведува проект за адаптација кон климатските промени, вреден 400.000 долари. Целта е ублажување на последиците од климатските промени, но и подготовка на земјоделците за полесно справување со негативните влијанија кои допрва ќе бидат изразени.
Според предвидената динамика, најпрво, овој месец, странски експерти ќе ја скенираат состојбата и ќе ги дефинираат приоритетите како основа за натамошна имплементација на предвидените активности.
– Можеби не можеме многу да помогнеме за намалување на стакленичките гасови, но треба да ги преземеме сите мерки и подготвени да ги дочекаме претстојните влијанија од климатските промени во земјоделството, појаснуваат од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.
Во насока на успешно справување со климатските промени, експертите сугерираат примена на лесно апликативни, не многу скапи и економски оправдани адаптивни мерки.
Како што нагласуваат од министартвото, повикувајќи се на најновите анализи, просечната температура во Македонија до 2050 година се очекува да се зголеми за три степени целзиусови, а врнежите да се намалат за осум проценти и да бидат обилни во одредени периоди, но нерамномерни.
Истражувањата предупредуваат и на економски загуби кај стратегиските земјоделски култури, како и на намалување на приносите до 50 отсто. Се смета дека најранлив регион ќе биде Повардарието, а најранлива култура грозјето. Регионот на Струмица, Гевгелија, јужна Вардардска долина, Кумановска долина и Овче поле се рангирани како високо ранливи каде најнегативни последици се очекуваат кај доматот и пченицата. Во сточарството се прогнозира намалување на добиточниот фонд како резултат на температурниот стрес ефект врз добитокот, а се смета дека локалните раси кои се подобро прилагодени на локалните услови ќе бидат поотпорни на посувите и потоплите климатски услови проектирани за во иднина.
Меѓу најголемите ризици од климатските промени во наредните две до три децении, е појавата на нови болести и штетници во растителното и сточарското производство.
Активностите на Македонија во делот на климатските промени ќе бидат фокусирани главно на наводнувањето за кое, следните десет години, до 2025-та, треба да се вложат 200 милиони буџетски средства. Ќе се рехабилитираат постоечките системи и ќе се градат нови, модерни, капка по капка и со распрскувачи, кои ќе заштедат вода.
OhridNews