Министерството за економија објави јавен повик за субвенционирање на претпријатија во сопственост и управувани од жени.

Како што информираат од министерството, повикот се однесува на претпријатија во сопственост на жени (над 51%) и управувани од жени, државјани на Република Македонија, преку кофинансирање до 75% од докажаните трошоци направени за набавка на опрема, алати и инвентар, уредување/подобрување на деловниот простор и грижа/чување на деца од предшколска возраст за жени кои отпочнуваат сопствен бизнис ( 75% од трошоците за градинка или дадилка, но не повеќе од 50.000 денари).

За кофинансирање се признаваат докажаните трошоци за предвидените намени настанати во периодот од 1 јануари 2012 до 1 ноември 2012 година, нагласуваат од министерството.

Еден апликант може да аплицира за кофинансирање на трошоци направени за најмногу две од наведените намени. Минималниот износ за кофинансирање на трошоци за горенаведените намени изнесува 30.000 денари а максималниот 200.000 денари по еден корисник/апликант независно дали аплицира за една или две намени.

Доколку претпријатието кое аплицира за кофинансирање на трошоци по основ на оваа мерка престане со вршење на дејност пред истекот на 1 година од датумот на објавување на јавниот повик (освен во случај на смрт или трајна неспособност), во тој случај лицето – основач на фирмата има обврска да врати 80% од доделените финансиски средства по основ на предвидените намени во период од 12 месеци.

Од Програмата за развој на претприемништвото, конкурентноста и иновативноста на малите и средни претпријатија во 2012 година , за Финансиска поддршка за женско претприемништво одобрени се средства во висина од 560.000 денари.

OhridNews