Владата со предлог за укинување на обврската на такси превозниците за изучување на англискиот јазик. На вчера одржаната 52-ра седница на владата, беше утврден новиот текст на Предлог-законот за изменување на Законот превоз во патниот сообраќај со кој се предлага укинување на обврската за познавање на англискиот јазик за такси превозниците. При тоа, беше донесен заклучок предлог законот да биде доставен до Собранието на Република Македонија на усвојување.

Измените на законот со кои такси превозниците беа обврзани да го изучуваат англискиот јазик беа донесени во 2014 година, по што од страна на локалните самоуправи се организираа бесплатни обуки.

Во Охрид интересот за пријавување беше мал. Дел од такси превозниците тврдеа дека немаат време да посетуваат часови, а други изјавуваа дека доволно го познаваат странскиот јазик. Сопствениците на такси компаниите сметаа дека со оглед на тоа што Охрид го посетуваат голем број странски туристи, во интерес на превозниците е да го знаат англискиот јазик, но дека сепак тоа е индивидуална одлука на секој такси возач.

OhridNews