Активностите за реконструкција на дрворедот на улицата „Димитар Влахов“ денеска ќе продолжат со вадење на корените од исечените липи. Зафатот ќе се врши со специјална машина, поради што стеблата од дрвјата не беа целосно исечени.

Според најавите на локалната самоуправа, предвидено е да се отстранат вкупно 53 садници липа од оваа улица, на чие место ќе бидат засадени нови 80 садници Лигуструм. Покрај дрворедот, комплетно ќе се реконструираат и тротоарите од улицата кои се оштетени од големите корени на липите, а зелениелото ќе биде збогатено со жива ограда покрај која на одредено растојание ќе бидат поставени клупи.

Слични зафати во иднина предвидено е да има уште на неколку фрекфентни улици во центарот на градот.

Во јавноста има и реакции за реконструкцијата на дрворедите, а дебата за и против замената на старите липи со млади садници се води и на социјалните мрежи.

За реконструкцијата на дрворедите се дискутираше на јавна расправа на која експерти, екологисти, претставници на политичките партии и заинтересирани граѓани, изградија консензус околу потребата од уредување на зелениот појас во центарот на градот.

OhridNews