Градоначалникот на Општина Охрид, Александар Петрески ветува дека ќе воспостави нов ред на охридските плажи, на кои изминативе неколку лета беа евидентирани голем број пропусти и непочитување на договорите за концесија.

Тој објасни дека по враќањето на ингеренциите на градежното земјиште од централно на локално ниво, општината ќе има директен контакт со концесионерите и ќе може да реагира на сите неправилни постапки при стопанисувањето со крајбрежјето.

-Сеуште ги немам рагледано документите на концесионерите. Откако ќе разгледам кои документи се потребни за некој да концесионира со плажа, ќе донесеме соодветна одлука, дали истите  ќе бидат доволни или ќе треба да се достави дополнителна документација. Исто така ќе одредиме и дали висината на концесијата е во ред, а ќе се прецизираат и правата и обврските на концесионерот, вели Петрески.

Тој напомена дека во текот на изминатите неколку години, се направиле големи пропусти во доделувањето на концесиите.

-Сите знаеме дека се направија многу плажи и дека на нивно место изникнаа ноќни клубови и дискотеки, нешто што претходно го немаше. Исто така концесионерите не оставаа доволно слободен простор и речиси целите површини од плажите беа покриени со лежалки. Граѓаните беа принудени да плаќаат по сто денари за лежалка или не знам колку пари за пијалак. Тоа мора да го средиме во иднина, вели  Петрески.

Инаку туристите што изминатото лето одмораа на охридското крајбрежје регираа на фактот дека мора да закупат лежалка доколку сакаат да се сончаат на плажа. Речиси сите 18 охридски плажи што се издадени под концесија беа буквално распослани со пластични лежалки и чадори за сонце, па за  летувалците што сакаа да лежат на пешкири немаше слободно место.

На овој начин концесионерите на плажите ги прекршуваа договорите за концесија кои ги имаа склучено со Министертвото за транспорт и врски, во кои е потенцирано дека плажите треба да бидат опремени со опрема, но треба да имаат и слободно место за туристите што не сакаат да користат лежалка.

OhridNews