Богатите мозаични подови кои се наоѓаат во археолошкиот локалитет ,,Манчевци”, освен преку ден, наскоро ќе бидат достапни за разгледување и во текот на вечерните часови. Ова се должи на планот за илуминација на просторот, кој е дел од третата фаза за конзервацијата на оваа ранохристијанска базилика.

За таа цел Националната установа Завод и Музеј од Охрид, преку Електронскиот систем за јавни набавки, пред неколку дена објави Јавен оглас, во кој се бара фирма која ќе ја изврши илуминација на овој археолошкиот локалитет, а ќе се погрижи и за тековното одржување на електричната енергија во објектите кои се во надлежност на музејот. Вредноста на оваа јавна набавка изнесува околу 5.000 евра или точно 300.000 денари.

Инаку третата фаза од проектот за конзервација и презентација на откриените структури од ранохристијанската базилика на локалитетот „Манчевци“ е во завршна фаза и истата опфати конзервација на мозаичните подови. Овој проект се одвива во континуитет, четврта година по ред, со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.

Во рамки на проектот за конзервација, во претходните две фази се изврши конзервација на постоечките ѕидови од локалитетот, додека пак мермерните столбови пронајдени на лице место, беа поставени на својата автентична позиција во структурата на базиликата. Исто така во склоп на активностите беше поставена и покривна конструкција над базиликата.

Локалитетот ,,Манчевци” е една од деветте ранохристијански базилики откриени во стариот дел на Охрид, кои имаат огромно значење за културното наследство на Република Македонија.

OhridNews